Претседателот на Србија најави дека нема да потпише помилувања за оние што поттикнуваат насилство

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска објави дека Србија, според него, „победила над насилството“ по синоќешните инциденти во Белград, каде што студентскиот протест заврши со судири и интервенција на полицијата.

„Доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања за гонењето на оние кои многу пати сме ги предупредиле да не учествуваат во насилство. Србија победи. Не можете да ја победите Србија со насилство. Србија никогаш нема да запре“, рече Вучиќ во своето обраќање.

Вучиќ ги обвини студентите и постарите за „седуммесечен терор“

Според Вучиќ, „седум месеци терор се случуваат од страна на дел од луѓето кои го зедоа законот во свои раце“. Тој наведе дека уште однапред било јасно дека ќе има насилство и истакна дека некои групи со лични интереси ги охрабрувале студентите. Додаде и дека ќе направи разлика меѓу оние што учествувале во насилство и оние што јавно се изјасниле дека нема да учествуваат, иако се против неговата власт.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека биле повредени 48 полицајци, а приведени се 77 лица, од кои 38 се задржани во полициска станица.

„Присутни беа околу 36.000 луѓе. Нарушувањето на јавниот ред и мир започна по 21 часот. По повлекувањето на обезбедувањето, група луѓе нападнаа полицајци. Тие беа повредени и полицијата беше принудена да интервенира“, рече Дачиќ.

Одбивање на барањата – протестот ескалираше во насилство

Протестот „Се гледаме на Видовден“, организиран од студентите во блокада, траеше три часа. Нивните барања беа распишување на вонредни парламентарни избори и отстранување на шаторите во паркот Пионир до 21 часот. По истекот на рокот, дел од присутните се обидоа да се приближат до Собранието, а полицијата постави кордони и метални огради.

Според полициската проценка, на протестот имало 36.000 луѓе, додека независната Архива на јавни собири проценува 140.000 присутни. Паралелно, во близина се одржувала т.н. „книжевна вечер на Видовден“, поддржана од Српската напредна партија.

По 21 часот, се случија изолирани инциденти. Протестот ескалираше кон полноќ кога групи граѓани почнаа да превртуваат контејнери, да фрлаат предмети и да извикуваат „Спуштете ги штитовите“. Полицијата одговори со солзавец, бибер-спреј и физички интервенции.

Студентите: Владата ја избра репресијата

Студентите во блокада преку мрежата X обвинија дека „владата ги имала сите механизми да ги исполни барањата и да спречи ескалација“, но наместо тоа избрала „насилство и репресија“. Според нив, целосната одговорност за радикализацијата е на државниот врв.