Србија официјално се приклучи кон договорите „Артемис“ и стана 69-та држава која ја потпишала оваа меѓународна иницијатива за истражување и соработка во вселената.

Договорот во четврток во седиштето на НАСА го потпиша српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ. На церемонијата присуствувале заменик-администраторот на НАСА, Мет Андерсон, помошникот државен секретар на САД за океани, животна средина и наука Весли Брукс, српскиот амбасадор Драган Шутановац и Марија Гњатовиќ од Министерството за наука, технолошки развој и иновации, пренесува Танјуг.

Ѓуриќ претходно изјави дека приклучувањето кон договорите „Артемис“ ќе им овозможи на научниците, компаниите и институциите од Србија да учествуваат во една од најнапредните вселенски програми во светот.

„Србија е посветена на истражување на вселената за мирни цели и почитување на меѓународното право, па затоа овој договор ќе придонесе и за создавање поволна рамка за нашиот понатамошен развој. Секако, ова има симболична вредност и политичко значење и се одвива како дел од стратешки дијалог што претставува историски чекор напред во односите меѓу Србија и Америка“, рече Ѓуриќ.

Тој додаде дека за Србија ова претставува приклучување кон групата земји со кои САД имаат воспоставено партнерство и пријателска соработка.

Договорите „Артемис“ беа воспоставени во 2020 година од НАСА и американскиот Стејт департмент, со поддршка од седум основачки држави. Иницијативата беше започната за време на првиот мандат на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Со овие договори се воспоставуваат принципи за меѓународна соработка во истражувањето на вселената, вклучително и идните мисии кон Месечината и други вселенски тела.