Министерот за правда Кренар Лога денеска оствари средба со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, но се уште нема детали од разговорот за пошироката јавност.
На средбата стана збор за текот на постапките кои ги водат Основното јавно обвинителство Тетово и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово.
Со државниот јавен обвинител Јовески се разговараше и за други прашања како што се потребата да се именува обвинител за врски во Еуроџаст( Единица за судска соработка на ЕУ), носење на Упатство за имплементација на Кодекс за ЈО, Стратегијата за развој на правосудниот систем 2023-2027, електронска распределба на предметите во јавните обвинителства и други теми.
За случајот со модуларната болница во Тетово,во текот на утрешниот ден министерот за правда Кренар Лога ќе се сретне и со шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, соопшти Министерството за правда.
Случајот со пожарот во тетовската модуларна болница повторно стана актуелен во јавноста откако Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ објави документарен филм кој открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.