Портпаролот на Кремљ изјави дека е теоретски можна средба меѓу Путин и Трамп, доколку двајцата лидери истовремено пристигнат во Кина на почетокот на септември

Кремљ денеска соопшти дека не ја исклучува можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во септември во Пекинг.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите изјави:


– Доколку американскиот претседател одлучи да оди во Кина тогаш, тогаш таквата средба не може да се исклучи теоретски.

Путин планира посета на Кина на почетокот на септември. Тој ќе присуствува на прославите по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Главниот настан е најавен за 3 септември на плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Таму ќе се одржи голема воена парада, со која ќе претседава кинескиот претседател Си Џинпинг.

Од враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари 2025 година, тој и Путин не се сретнале лично.

Двајцата претседатели досега разговарале неколку пати телефонски. Темите биле главно поврзани со воената офанзива на Москва врз Украина, која започна во февруари 2022 година.

Според Кремљ, евентуалната средба зависи исклучиво од присуството на американскиот претседател во Пекинг на истиот датум кога ќе пристигне и рускиот лидер.