Сојузот бил информиран за ова од средношколци, а информациите му биле потврдени и од мрежата на активисти во тие градови. Сојузот посочува дека средното медицинско училиште во Тетово наплаќа меѓу 150-200 денари за свидетелство, додека економското училиште во Тетово бара износ од 150 денари за издавање на свидетелството и на дипломата за крај на средното образование. Исто така, и скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ им наплаќа на своите ученици 100 денари за свидетелство, наведува Сојузот, а гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп 30 денари од ученик.
– Tоварот за печатењето не смеат да го сносат ниту учениците, ниту професорите во средните училишта. Ова е скандалозно и проблематично. Барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование. Појавиве се спротивни на ставот 2, член 3 од Законот за средно образование, кој гласи: „Средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“. Во Законот никаде не се спомнуваат вакви такси. Главниот проблем е во тоа што земањето на свидетелствотото не е опционална одлука. Свидетелството е задолжителен документ и е доказ за успешно завршена учебна година. Учениците се лишени од избор – тие мора да платат доколку сакаат да ја завршат учебната година, соопшти Сојузот на средношколци кој најави дека за ова ќе го информира со извештај Државниот просветен инспекторат.