Српската компанија на Борче Марковски, поради чие работење одбраната барала да му биде вратен пасошот, и натаму работи профитабилно, иако во последните три години бележи пад на приходите. Истовремено, друга фирма што Марковски ја основал во Србија преку македонската „Марковски компани“ уште во првата година остварила добивка од 6,7 милиони српски динари.
По добиено позитивно мислење од Јавното обвинителство, Основниот суд во Струга одлучил да му ја врати патната исправа на бизнисменот и почесен конзул на Белорусија во Македонија, Борче Марковски. Тој е обвинет за злоупотреба на тендерот вреден 1,7 милиони евра за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците во Битола.
Обвинителството и судот ги прифатиле аргументите на одбраната дека Марковски поседува компанија во Србија, чие работење било „сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата“.
Според официјалните податоци, Марковски од 2009 година ја поседува градежната компанија „Хаза Изградба“ со седиште во Белград. Финансиските извештаи покажуваат дека фирмата во последните три години бележи континуиран пад на приходите, но и покрај тоа останала профитабилна.
Во 2023 година „Хаза Изградба“ остварила приходи од повеќе од 444 милиони српски динари. Во 2024 година приходите се намалиле на 235,5 милиони динари, а во 2025 година на 180 милиони динари. Ланската добивка на компанијата изнесувала 11,3 милиони динари.
На крајот на 2024 година, Марковски преку македонската „Марковски компани“ основал уште една градежна фирма во Србија, „РСЈ-М Изградба“. Новата компанија во 2025 година остварила приходи од 8,7 милиони динари и незначителни расходи, поради што годината ја завршила со добивка од 6,7 милиони динари.
Во Македонија, Марковски ја поседува битолската „Марковски компани“, која со години склучувала милионски договори со АД ЕСМ, главно за ископ и транспорт на јаглен и јаловина во рудниците на РЕК „Битола“. Поради еден од тендерите, Марковски прво станал осомничен, а потоа и обвинет.
