Тие го обвинуваат дека сторил злосторства со велепредавство, капитулација и противуставно постапување со признавањето на европскиот план за Косово и согласувањето за негово спроведување.

Во последните недели преговорите за Косово се интензивираа, а Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се сретнаа двапати, на крајот на февруари во Брисел и кон средината на март во Охрид.

Со посредство на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, Косово и Србија се договорија за спроведување на договорот со ЕУ за нормализација на односите, но се уште не потпишале ништо, иако и ЕУ и САД рекоа дека договорот и неговата имплементација се разгледуваат како правно обврзувачки документ. Поради прифаќањето на договорот, и Вучиќ и Курти се најдоа под притисок на политичките противници и неистомисленици.

Кривичната пријава против Вучиќ денеска е поднесена до Вишото јавно обвинителство во Белград со потписи на 28 претставници на Новата ДСС, Заветник, движењето Двери и Движењето за обновување на Кралството Србија (ПОКС) во српскиот парламент. .

Лидерот на ПОКС, Воислав Михаиловиќ, образложувајќи ја кривичната пријава, оцени дека со прифаќањето на договорот, Вучиќ ги прекршил член 36 од Кривичниот законик (признавање капитулација и окупација), член 307 (загрозување на територијалниот интегритет на државата) и член 320 (противуставно постапување).

„Со закана за територијалниот интегритет на Србија при спроведувањето на планот, Вучиќ недвосмислено ќе ги признае сите документи на лажната држава Косово“, рече Михаиловиќ. Тој порача дека тие партии нема да се откажат од борбата да го спречат Вучиќ од неговата намера, нагласувајќи дека во преамбулата на Уставот стои дека Косово е составен дел на Србија.

Михаиловиќ оцени и дека по налог на Вучиќ веќе еден месец е блокирана работата на парламентот за да се избегне дискусијата за Косово и најави дека овие партии и нивните поддржувачи ќе ги повикаат граѓаните на Србија да се борат против антидржавната политика на Вучиќ преку вонпарламентарни канали.

Лидерот на движењето Двери, Бошко Обрадовиќ, оцени дека третманот на апликацијата во судството ќе биде проверка дали во Србија има независно обвинителство и дали сите граѓани се исти пред тоа тело, тврдејќи дека Вучиќ извршил серија на кривични дела во врска со признавањето на Косово.

Партиите потписнички на кривичната пријава најавија дека следната недела истото барање ќе го испратат и до Уставниот суд на Србија, како највисока судска инстанца во земјата, за да видат како ќе реагираат.

Обрадовиќ праша зошто нема редовна пролетна седница на српското Собрание, закажана за 1 март, ако владата нема што да крие во врска со тој договор. Зоран Зечевиќ, претставник на партијата Заветници, го обвини Вучиќ дека е предавник на Србија и на српскиот народ и дека поради овој криминален чин на потег се државните органи бидејќи законите треба да важат за сите.