Откако Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) денеска реагираше за укинувањето на Колективниот договор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, реакција упати и Сојузот на синдикатите.

Според нив, ваквиот однос на Владата претставува директно кршење на работничките права и е спротивен на социјалдемократските начела.

– Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со синдикатите здружени во ССМ Ви ја испраќаат оваа реакција поради тоа што синдикатите и членовите здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија сериозно се загрижени поради информацијата дека една социјалдемократска Влада, за прв пат во историјата, презема чекор за укинување на Колективниот договор за вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со што Владата директно посегнува и ги укинува основните човекови права како што се правото на достоинствена работа и достоинствена плата, се вели во соопштението на ССМ.

Ова е преседан во социјалниот дијалог и колективното преговарање, велат од ССМ, и е прв колективен договор кој го откажува работодавачот, односно Владата преку МЗШВ.

– Владата, МЗШВ и МТСП грубо ги кршат одредбите од Конвенцијата бр 154 за колективно договарање,151 Конвенција за работни односи ( јавна служба ) и Конвенцијата 150 за администрацијата на трудот кои се ратификувани во нашата држава и на тој начин се дел од националното трудово законодавство, посочуваат од ССМ.