Екипажот го снимил моментот кога неколку китови пливале во близина на бродот, а потоа се нурнале и почнале да кружат под бродот. После тоа, китовите повторно се појавиле и се движеле на само еден метар од јахтата.

Нападот траел два часа, а китовите одвреме-навреме го удирале бродот. Во еден момент тие го уништиле кормилото на луксузна јахта и го принудиле тричлениот екипаж да побара безбедност во Гибралтар.

Екипажот имал задача да ја премести луксузната јахта од Кент во Грција, но по нападот биле принудени да влезат во пристаништето за да ги санираат штетите на бродот.

Екипажот објаснил дека китовите тргнале да го нападнат бродот и тие веднаш ги исклучиле моторите со надеж дека орките ќе продолжат по патот. Сепак, китовите продолжиле да го напаѓаат пловниот објект. Потоа, како што рекле, во одреден момент забележале искасани парчиња кормило зад бродот.

– Во еден момент тие заминаа, но потоа се вратија. Морам да признаам дека бев исплашен, рекол Мартин Еванс, кој го снимил и видеото.

Да потсетиме, минатата година, китовите убијци дивееја во Шпанија. Во текот на август и септември, тие нападнаа четири едрилици за само две недели од северниот брег на Шпанија.

Во еден од нападите, оддалечени само три часа, две едрилици мораа да побараат помош од брегот откако црни животни, долги меѓу 7 и 8 метри и со тежина од пет тони, се судрија во трупот на бродот. И во двата случаи, орките го уништија кормилото, па едрилиците на отворено море чекаа спасувачките бродови да ги влечат на пристаништето.