Настава по странски јазици, информатика и спортски активности без надомест за учениците

Општина Кисела Вода ја продолжува соработката со општинските основни училишта и општествено одговорни правни субјекти, обезбедувајќи поддршка за децата од семејства во социјален ризик.

Оваа иницијатива се реализира преку проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој ќе се спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година. Децата имаат можност да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и различни спортски активности, без никаков паричен надомест.

26 деца тренираат во 14 спортски клубови, 9 следат наставa по странски јазици, 4 учат информатика и програмирање

Во рамки на соработката се вклучени 14 спортски клубови – кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет, кик-бокс и џиу-џица – каде што во моментот тренираат 26 деца. Дополнително, 9 ученици посетуваат училишта за странски јазици, а 4 ученици се вклучени во наставата по информатика и програмирање.

На денешната работна средба, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со претставници на општинската администрација и директорите на основните училишта, истакна дека Општина Кисела Вода континуирано инвестира во унапредување на наставниот процес.

„Остануваме целосно посветени на создавање еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современи образовни и спортски активности. Благодарни сме на сите општествено одговорни правни субјекти кои со својата поддршка и ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија“ – изјави Стаменкоска Трајкоска.