Поголема динамика во интеграцијата на регионот

На средбата со генералната директорка на Светската трговска организација, Нгози Оконџо-Ивеала, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски доби пофалби за економските и надворешно-трговските политики на Владата, особено за отвореноста на економијата, пазарот на труд и усогласеноста со правилата на СТО.

Директорката ги поздравила чекорите на државата во насока на привлекување странски инвестиции и ја потенцирала усогласеноста со меѓународните рамки како позитивен сигнал за инвеститорите.

Муцунски нагласил дека економските реформи се високо позиционирани на агендата на Владата, со акцент на трансформација на економијата во согласност со глобалните пазари и потребите на пазарот на труд. Тој ја истакнал важноста на привлекувањето странски инвестиции во енергетиката, фармацијата, одбраната и други конкурентни сектори.

„Силниот ангажман на Владата за привлекување на странски инвестиции, членството во НАТО и усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ се потврда дека државата е доверлив партнер и атрактивна дестинација за инвестирање. Ова веќе се рефлектира преку зголемен обем на инвестиции и позитивни показатели во извозот“, изјавил Муцунски.

Муцунски и Оконџо-Ивеала се согласиле дека Западниот Балкан мора да ја забрза интеграцијата, со цел отворање на нови пазари, поголем прилив на инвестиции и реализација на стратешки проекти за побрз економски развој.

Министерот посочил и дека новите надлежности на неговото министерство ќе значат посилен ангажман во областа на надворешната трговија и регулативата, а активното учество и соработката со СТО ќе бидат еден од клучните приоритети во следниот период.