Дафина Стојаноска, пратеничка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија на гостувањето во емисијата „Филибастер“ на радио Лидер се осврна на повеќе теми меѓу кои и на економијата и справувањето со КОВИД-19 кризата и вакцинацијата.

„Власта во октомври зеде заем од 90 милиони евра, но каде отидоа парите, каде се вложија никој од граѓаните не знае. Дали некој виде дека се вложи во здравството?Дали некој им помогна на здравствените работници? Или пак дали некој од власта ги сослуша пациентите како се третирани, колку чини лекување на пациент заболен од КОВИД-19 со сета онаа терапија којашто ќе му ја препишат здравствените работници“, запраша Стојаноска.

Стојаноска укажа дека најбитна е реализација на проектите, но за жал од оваа власт граѓаните ништо не видоа, ниту пак добија некаква помош при справување со овој вирус. Власта не создаде поефикасно здравство за справување со КОВИД-19 кризата, туку го уништи целосно.

„Да не зборувам за вакцинацијата, од декември месец Филипче и Заев не лажат дека вакцини ќе се набават во јануари, крајот на јануари, па излезе дека ние законот треба да го менуваме, дека сме немале законски овозможен пристап за некој да може да ни донира вакцини “, рече Стојаноска.

Стојаноска истакна дека набавката на вакцинација е една од најголемите лаги на Филипче и Заев. Поради лагите и криминалот на Филипче и Заев, починаа невини граѓани. Бројката на починати е енормна бројка и за тоа треба да одговараат и Филипче и Заев.