Горан Стојанов, кандидат за градоначалник на Неготино од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во своето обраќање пред неготинчани рече „мора да знаеме дека кога нешто сакаме, го сакаме заради тоа што визијата за него ќе ја претвориме во мисија, а потоа во дело, јас го сакам Неготино и се обврзувам да направам сè најдобро за него за да бидеме пример за идните генерации, за тоа колку сме придонеле за градот, а не колку сме го оштетиле додека сме управувале со него“.
Стојанов се осврна на десетте основни столба од Програмата за подобро Неготино. Првиот столб е Неготино, зелен град, изградба на голем парк кај спортската сала „Младост“ затоа што покрај зелените површини и зони за одмор, планирано е да се изгради и фитнес-зона, како и патеки за велосипедизам, пешачење и слично. Вториот столб или топ-проект, со цел реконструкција на водоводната мрежа, откривање и решавање на долгогодишниот проблем со огромните загуби на вода, обезбедување дополнителна количина на вода во водоводот со што ќе се обезбеди непречено 24-часовно водоснабдување во градот и во текот на летните месеци, како и следење на водоводната мрежа преку нови системи. Индустриска развојна зона во село Црвени Брегови е како трет столб во Програмата зашто Неготино е во центарот на Македонија и ги има сите атрибути потребни за успешно работење на секој инвеститор. Четвртиот столб се однесува на изработка на целосна техничка документација за секундарна и терцијарна гасификација на општина Неготино, како за домаќинствата, така и за индустриските капацитети. Петтиот столб или проект се засновува врз ангажирањето за целосна реконструкција на игралиштето зад спортскиот центар „Младост“, со нова подлога и трева на игралиштето. Покривање на градскиот пазар со кровна конструкција, осветлување и набавка на нови тезги, е шестиот столб од нашата програма, на кој што јас и мојот тим на кандидати за советници се обврзуваме. Многу важен момент е изградбата на фекална канализациона мрежа во село Црвени Брегови и село Дуброво, изградба на бунари во село Војшанци и село Тремник, нови пумпи во село Курија, што го претставува седмиот проект во програмата. Осмиот проект ја вклучува реконструкцијата на центарот на градот, реконструкција на стариот и дотраен плоштад, со што ќе се добие нов изглед привлечен за сите генерации. Комплетното инфраструктурно уредување на Урбана заедница 8 е целта на деветтиот столб. Како десетти е изградба на кружен тек во центарот на градот и кружен тек на влезот во Неготино од страната на Кавадарци со што ќе се намали градскиот метеж.
– Сите овие столбови на програмата, овие 10 топ-проекти, се зацртани како главни и приоритетни, а нашата програма вклучува многу повеќе, повеќе сугестии од граѓаните и повеќе проекти и цели на кои се обврзуваме дека ќе бидат исполнети многу пред завршување на мојот 4 годишен мандат, рече Стојанов.
Стојанов се обврза дека ќе дадам сè од себе за да се врати сјајот на Неготино.
– На 17 октомври заокружуваме број 7, за нашето преубаво Неготино, за нови проекти, за реални промени, и за голема победа на жителите на општина Неготино, порача Стојанов.