Стратегијата на власта во културата е културоцид во 21 век, и културата е најголема жртва на поигрувањето на коалицијата СДСМ и ДУИ, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска на денешната собраниска седница за избор на нова влада, потенцирајќи дека гледаме старо-нова влада, а колку културата е маргинализирана од страна на СДСМ и ДУИ говори и фактот што имаме за 5 години менуваат 5 министри.
– Имаме девастирана, хаотична, партизирана култура. Институции со нарушени меѓучовечки односи, партизиран кадар, наследени проблеми, започнати и заостанати мегаломански проекти кои чинат многу, институции со распаднати кровови како НУБ. Понудената програма во однос на културата како важен сектор во општеството е крајно занемарен и маргинализиран. Во културата за овие 5 години имаме 5 министри, тоа се Роберт Алаѓозовски есеист, Асаф Адеми градежен инженер, Хусни Исмаили доктор по медицина, Ирена Стефоска историчар и сега предложената Бисера Костадиновска Стојчевска професор по англиски јазик. Овие промени значат и промени на кабинет, нови директори, нови методологии на работа на секој министер, различни програми, да не зборуваме за партиски вработувања и политички реваншизам што се резултираше со нарушен континуитет на работа во културата, рече Стојкова Серафимовска.
Таа посочи дека во секторот творештво, творците и уметниците се демотивирани, се прекина секаква стимулација на домашната, популарната и класичната и современата сцена, нема откуп на никакви дела, а во театрите се помалку има дела од македонски автори.
– Има наследени проблеми во филмската дејност каде проблемите се на меѓународно ниво, се уште е актуелна тужбата на Јадран филм кон Агенцијата за филм, а таму е замешан и сега поранешниот премиер Зоран Заев. Поради лошо работење опадна нивото на светските реномирани фестивали како што е Охридско лето, но затоа се даваат огромни средства за проекти со сомнителна содржина, рече таа.
Стојкова Серафимовска истакна дека новата влада во програмата ја споменува грижата за македонскиот јазик, но в видовме како кога македонскиот јазик беше најмногу напаѓан од нашиот источен сосед, Советот за македонски јазик, тело при владата остана нем и нефункционален.
– Што да зборуваме за културното наследство, состојбата може да се види од запуштените археолошки локалитети и бројните и изгубени ранохристијански базилики и манастирот Света Богородица во Матејче кој е ставен на листа на културно наследство во опасност и кој повторно беше оштетен. На меѓународен план не доведоа во срамна состојба статусот на културното и природното наследство на Охрид и охридскиот регион се доведе до алармантно ниво, нагласи Стојкова Серафимовска.