Двајца мажи од Србија се уапсени под сомнение дека преку веб-страница на која нуделе услуги за „отстранување црна магија“ измамиле 73-годишна жена и од неа зеле накит и пари во вкупна вредност од 50.000 евра, објави Н1.

Полицијата во Беочин ги уапсила Д.Н., роден во 1974 година, и М.К., роден во 1967 година, поради сомнение дека сториле кривично дело измама.

Според наводите, тие преку страницата „vidovita-maria.com“ огласувале услуги за „отстранување црна магија“ и ја довеле, а потоа и ја одржувале во заблуда жената дека ќе ѝ помогнат да ги реши семејните и здравствените проблеми.

За наводните услуги од неа барале и земале накит и пари, чија вкупна вредност се проценува на 50.000 евра.

„При претрес на куќа во Бачка Паланка, полицијата пронашла повеќе парчиња разновиден накит, како и потврди за прием на пари од повеќе луѓе“, се наведува во соопштението.

На осомничените им е одредено задржување до 48 часа и тие, со кривична пријава, ќе бидат спроведени во Основното јавно обвинителство во Нови Сад.