Медицински експерт од соседна држава ќе биде вклучен во комисијата што ќе го испитува случајот со 19-годишната Станка Михајлова од Струмица. Министерството за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил вонредни надзори во болниците во Струмица и Штип, како и на Клиниката за неврологија.

Била прегледана медицинската документација и биле земени изјави од здравствените работници вклучени во нејзиниот третман. Поради сериозните здравствени компликации, ќе се спроведе стручен надзор над целокупниот тек на породувањето и понатамошното лекување. Комисијата е составена од специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија.

Странскиот експерт ќе учествува во разгледувањето на документацијата и во подготовката на мислењето за преземените дијагностички и терапевтски постапки. Министерството најави дека по завршувањето на надзорот ќе ја информира јавноста за утврдените наоди и заклучоци.