Едно лице загина, а 42 се повредени во катастрофалниот пожар што го зафати подрачјето околу Омиш и Сплит, Хрватска. Осуммина од повредените се во критична состојба и се борат за живот на респиратор, додека пожарот зад себе остави голема материјална штета – изгорени автомобили, уништени куќи и опожарени бродови.
Сплитската полиција го пронашла телото на починатата жена на локацијата Мала Лука. Според првичните неофицијални информации, станува збор за туристичка работничка од Босна и Херцеговина која, заедно со свои колешки, се обидувала да избега од огнената стихија.
„Сликите беа застрашувачки. Луѓето се обидуваа да спасат што може да се спаси, но ветерот брзо ја менуваше насоката. Направена е огромна материјална штета“, изјавуваат локалните жители.
Лекарите од Клиничкиот центар во Сплит имале драматична ноќ поради големиот број повредени. Поради сериозноста на изгорениците, четири лица биле итно префрлени на лекување во Загреб, меѓу кои и една малолетничка. Меѓу повредените има и двајца странски државјани, кои се здобиле со полесни повреди.
Огнот се ширел со голема брзина, а огнениот фронт на места се протегал и до 10 километри. Семејства и туристи сведочат за драматичните моменти во текот на евакуацијата, додека сопствениците на апартмани брзо ги извлекувале своите гости од загрозените подрачја.
„Бевме во куќата и разговаравме за пожарот. Во една секунда огнот стигна до нас и сè изгоре“, изјавил загрижен чешки турист.
Во текот на ноќта, локалните жители со сопствени бродови им помагале на луѓето да стигнат до безбедно. Со пловила биле превезувани деца и постари лица кои морале да ги напуштат загрозените подрачја.
Материјалната штета по пожарот е огромна. Влечните служби веќе отстраниле десетици изгорени возила за да се расчистат патиштата, додека надлежните служби и обвинителството вршат увид на опожарените површини и ја утврдуваат причинетата штета.
