На 77-годишнината од ослободувањето пред спомен обележјето во центарот на градот, се поклонија делегации на Општина Струга, Сојузот на борците од Струга, претставници на политички партии, пензионери…

– На овој ден се поклонуваме пред нашите славни херои, за нивната безрезервна љубов кон татковината и неизмерната храброст, со која го ослободија нашиот град од окупаторите. Никогаш нема да ја заборавиме визијата за силна, стабилна и слободна Струга, истакна градоначалникот Рамиз Мерко.

Општината, нагласи тој, ќе се залага Струга да биде просперитетна и пример за соживот и мир.

Претседателот на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга, Ајредин Мемеди, син на борец, се осврна на кажувањата од неговиот татко за тешките денови во кои живеела тогаш Струга.

– Седумдесет и седум години по овој историски настан, по кажувањата од нашите татковци, дедовци и нивните соборци, борбата со окупаторот била тешка и неизвесна. Борбите почнале на 19 октомври 1944 година во раните утрински часови. Струга била окупирана од Германските единици и нивните помагатели. Нашите борци биле во исклучително тешка положба и многу малку во споредба со окупаторот, истакна Мемеди.

Германските единици, додаде, распоредени во Охридско-струшкиот регион, сместени во градот и околните села располагале со 4.000 војници и најсовремено оружје и опрема, но на страната на нашите борци бил идеалот Струга да биде слободна.