Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари најверојатно ќе се зголеми за 2 до 3 проценти, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов во интервју за „Тема на денот“ на Сител.
Тој посочи дека се очекува мало зголемување, но дека се работи на модел со кој евентуалниот дополнителен трошок би се распределил во тарифните модели, за да бидат поправични.
Ристов рече дека компаниите од енергетскиот сектор веќе ги доставиле финансиските и технички барања до РКЕ, а во тек е нивна анализа. Одлуките за цените на регулираните енергетски дејности треба да бидат донесени до крајот на годината и да почнат да важат од 1 јануари.
Ристов објасни дека барањата на компаниите се насочени кон зголемување на цените, но тоа не значат дека тие ќе бидат прифатени, бидејќи задачата на Регулаторот е да направи компромис.
– Сите, нормално бараат зголемување заради она што ни се случува во енергетскиот сектор во светот и кај нас. Меѓутоа, од тоа што се желбите, на крај ќе видиме што ќе биде она што Регулаторот ќе го направи како одлука, бидејќи ние сепак сме тука на бедемот, да направиме компромис меѓу барањата и она што значи интерес на граѓаните – рече Ристов.
Според Ристов, 70 проценти од електричната енергија што ЕСМ ја обезбедува за универзалниот снабдувач е договорена по цена од 65 евра за мегават-час, додека преостанатите 30 проценти се договорени по цена од околу 76 евра. Оттука, проценката на Ристов е дека евентуалното поскапување на струјата би се движело во рамките на 2 до 3 проценти.
Ристов рече дека РКЕ подготвува и промени во начинот на пресметување на мрежарината, со цел малите потрошувачи, да плаќаат помали сметки. Според него, сегашниот модел, во кој сите домаќинства плаќаат ист паушален износ за пристап до електричната мрежа, не е правичен, бидејќи потрошувачите немаат иста потрошувачка.
Во однос на цената на топлинската енергија, за која компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, Ристов оцени дека таквото барање е неприфатливо, иако растот на цената на природниот гас влијае врз трошоците за производство. Наместо тоа, очекува зголемувањето на цената на парното греење да се движи од 6 до 8 проценти.
