Мнозинството гласачи на Исланд се изјаснија против повторно отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Резултатот доаѓа во момент кога Брисел се обидува да го забрза процесот на проширување, кој е во застој по приемот на Хрватска во 2013 година.

Според најновите резултати од референдумот, против повторното започнување на пристапните преговори гласале 52,8 отсто од Исланѓаните. Резултатот, според бриселскиот портал „Еурактив“, може да го ослаби моментумот за понатамошно проширување на Унијата.

Се очекува иднината на процесот на проширување да биде меѓу темите на Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел во октомври. Сепак, на состанокот ќе доминираат и други чувствителни прашања, меѓу кои усогласувањето на следната буџетска рамка на Унијата за периодот по 2027 година и демократското назадување во одредени земји членки.

„Еурактив“ оценува дека во Брисел постоела надеж оти Исланд би можел да биде дел од следниот бран на проширување. Според порталот, ЕУ се обидувала да го поврзе членството на Исланд, богат остров со едни од највисоките плати во Европа и земја која веќе е во голема мера интегрирана со Унијата, со приемот на некоја посиромашна земја, како Црна Гора.

Таквата комбинација, според „Еурактив“, потенцијално би можела да го направи проширувањето поприфатливо за земјите членки кои се скептични кон процесот.

Поранешниот исландски премиер и актуелен извршен директор на Конфедерацијата на исландските претпријатија, Бјарни Бенедиктсон, сепак, смета дека резултатот од референдумот не треба да биде сфатен негативно во Брисел.

– Тоа е само гласање за тоа дали сакаме да се зближиме во овој момент. Сè уште сме членка на европското семејство – изјави Бенедиктсон.

„Еурактив“ оценува дека евроскептицизмот на Исланд ги надминал географските и демографските поделби во земјата. Во пресрет на референдумот, европскиот естаблишмент се обидуваше да ги истакне придобивките од евентуалното членство.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го посети Исланд минатото лето, каде разговараше за безбедносно и одбранбено партнерство. Таа потоа во Брисел ја пречека исландската премиерка Криструн Фростадотир.

Во меѓувреме, се појавија и гласини дека Фон дер Лајен би можела да го посети Исланд следната недела доколку исходот од референдумот беше во корист на ЕУ.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, пак, само неколку дена пред гласањето изјави дека Исланд би можел да ги заврши преговорите за членство во ЕУ за само една година.

Исланд е основач на НАТО и членка на Европската економска зона. Тоа на земјата ѝ овозможува пристап до единствениот пазар на ЕУ, без обврска целосно да ги прилагоди своите закони на европската легислатива.

Земјата поднесе барање за членство во Европската Унија во 2009 година. Сепак, во 2013 година ја повлече апликацијата, по што пристапните преговори беа прекинати.

По најавата за одржување референдум, поддржувачите на членството во ЕУ во почетокот имаа предност. Нивното водство, сепак, постепено се намалуваше во неделите пред гласањето.

Анкетата објавена минатиот четврток покажа дека за првпат таборот што се противи на обновување на преговорите е во водство. Тој тренд подоцна беше потврден и со резултатите од референдумот.