Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Шапкарев“ ќе бидат првите два целосно реновирани домови достапни за студентите од новата академска година. Проектот е дел од поширока финансиска рамка од 86 милиони евра, обезбедена со поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка – KFW.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека образовната инфраструктура во Македонија се модернизира забрзано и со значајна европска и германска поддршка. Со средствата ќе се реализираат 16 капитални инвестиции, односно ќе се реконструираат девет државни студентски домови и седум ресурсни центри за деца и младинци со посебни образовни потреби.
Јаневска ова го истакна при посетата на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Во посетата беа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, евроамбасадорот Михалис Рокас и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали.
Реконструкцијата на „Стив Наумов“ е една од инвестициите што наскоро треба целосно да биде заокружена.


„Овој студентски дом ќе биде модерен и со висока енергетска ефикасност на сите објекти во состав. Заедно со ‘Кузман Шапкарев’ во центарот на Скопје, ќе бидат првите два дома целосно реновирани и достапни за студентите од новата академска година“, рече Јаневска.
Министерката изрази благодарност за европската поддршка и информираше дека за трансформација на сите 16 објекти во модерни и енергетски ефикасни згради се обезбедени 60 милиони евра од Германската развојна банка. Дополнително, 22 милиони евра се неповратни грантови од Европската Унија, кои, како што беше посочено, значително го растеретуваат јавниот буџет.
Околу 4 милиони евра се обезбедени од буџетот на Министерството за образование и наука.
„Ние сме земја во развој и поддршката што ја добиваме е од големо значење за забрзување на развојот и интегрирање на националното образование кон европскиот образовен простор. Верувам дека во иднина ќе имаме уште повеќе и поголеми вакви инвестиции заедно со Европската унија“, додаде министерката
