Членовите на Советот се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата поради заштита на угледот и интегритетот на судијата.
„Согласно член 39 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија е придвидено дека јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судија или кандидат за судија, а за исклучување на јавноста од седниците Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас. Со оглед дека предметното барање се однесува на конкретен судија на кого може да му биде нарушен интегритетот еве отворам расправа дали некој има поинакво мислење, односно да расправаме по однос на исклучување на јавноста…Никој не бара збор и предлогот за исклучување на јавноста согласно наведената законска одредба го ставам на гласање…Констатирам дека едногласно со 10 гласа ‘за’ јавноста е исклучена“, рече претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
Претходно, на почетокот на седницата пред да биде исклучена јавноста, Дамева кажа дека седницата е свикана откако во 21:45 часот од страна на Основниот кривичен суд Скопје било доставено барање за одземање на имунитет на судија, како и за одобрување на предлог за притвор.
Присутни на седницата се членовите на Судскиот совет Ханиф Зендели, Ивица Николовски, Мирсад Суроји, Миљазим Мустава, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, и Тања Чачарова-Илиевска. Нивните колеги Сашко Герогиев и Антоанета Димовска во работата беа вклучени онлајн, преку вибер, бидејќи користат годишен одмор и се надвор од земјата.
Отстутни, пак, се претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда Кренар Лога кои се членови на Советот по функција и немаат право на глас. Претседателката на Врховен, како што информираше Дамева, известила дека не може да присуствува поради активности поврзани со актуелниот случај.
На седницата воопшто не беше присутна членката на Советот Лорета Горгиева, која барала да ѝ се обезбеди превоз, но, како што рече Дамева, Советот не бил во можност да го направи тоа во ова време.
Судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев, како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, бил лишен од слободна поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.