Директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани е суспендирана заедно со уште неколку лица, кои се одговорни за градскиот водовод, рече денеска Валбон Лимани, градоначалникот на општина Гостивар.

Три дена по забраната на АХВ за пиење на гостиварската вода и илјадници заболени од нејзино конзумирање, Валбон Лимани, градоначалникот на општината најави дека за состојбата во изминативе денови во Гостивар ќе се дискутира на вонредна седница на Советот на Општина Гостивар.

Тој додаде дека наскоро, ќе се состанел и кризниот штаб, за да се донесат „одлуки за надминување на проблемите со зголемениот број на заболени“.

– Директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани е суспендирана заедно со уште неколку лица, кои се одговорни за градскиот водовод – рече Лимани на прес-конференција.

Многу часови по хаваријата, Локалната самоуправа конечно ќе објавела и број за граѓаните кои не се во можност да обезбедат вода за пиење, за да им биде донесена поблиску до нивните домови.

Лимани искажа и благодарност до сите компании поединци кои деновиве се ангажираа за да се надмине недостигот на вода за пиење.

Инаку, на изборите во 2025-та година Лимани беше избран со гласовите на ДУИ, партијата на Таравари и онаа на Венко Филипче.