Рочиштето за модуларната болница во Тетово продолжи со сведоците повикани од Обвинителството. Сведочеа медицинските лица кои биле на смена таа трагичната ноќ како и членовите на семејствата кои биле во болница за да се грижат за своите роднини.
Според лекарот Мустафа Тахири, пожарот избил во горниот дел од еден од креветите.
„Пожарот почна во горниот дел од креветот и дел од ѕидот. Прво го преместивме пациентот, потоа се обидовме да го изгаснеме пожарот со ќебе и со кофа вода, при што пожарот продолжи и во моментот кога сфативме дека не можеме да го изгаснеме, се обидовме да ги преместиме сите пациенти. Слободно можам да кажам дека се изгоре, според моите пресметки, за две минути. Собата изгоре за 15 секунди, болницата за 2 минути. И да имаше противпожарни апарати, и пожарникарите да беа во дворот, тој пожар не можеше да се изгасне на никаков начин.“, рече сведокот Тахири.
Мумин Исмаили кој во оваа трагедија ја загуби неговата мајка, се надева дека случајот ќе се расветли.
„Јас мислам дека ќе се расветли бидејќи почна распитот на сведоците и мислам дека сме на прав пат.“, рече Исмаили.
Сведокот, Оливера Веселиновска била во болница со синот кој боледува од церебрална парализа.
„Останав 4 или 5 дена, слушнав врисоци од пожарот, сестрите трчаа да го изгаснат. тие денови постојано влегував и излегував и во никој случај не видов противпожарни апарати. Не добив дозвола од болницата. Мене вработените ми дозволија да влезам поради детето. Беше чувствителен бидејќи беше со посебни потреби и реагираше многу чудно, па ме пуштија, имаше други луѓе во болница кои носеа храна и излегуваа, јас лично имав документ да го придружувам детето и кога им кажував не ме спречуваа да останам во болница.“, изјави Оливера Веселиновска.
Инаку, во овој случај обвинети се поранешниот генерален директор на тетовската болница Флорин Бесими, поранешниот економски директор Артан Етеми и одговорното лице за модуларната болница Бобан Вечевски.