Негативен тест во САД го намали бројот на случаи

Светската здравствена организација соопшти дека вкупниот број потврдени случаи на хантавирус во светот е намален од 11 на 10, откако лице во САД кое претходно имало нејасен тест резултат, подоцна било негативно.

Директорката на Одделот за подготвеност и превенција од епидемии и пандемии при СЗО, Марија ван Керхове, изјави дека претходниот извештај содржел случај со неодреден резултат од тестирањето.

– Подоцна добивме потврда од САД дека тоа лице било негативно – истакна таа.

Под надзор се 41 лице во САД

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека се следи здравствената состојба на 41 лице поради можност да биле изложени на хантавирус.

Од нив било побарано да останат дома и да избегнуваат контакти за време на 42-дневниот период на следење.

Според лекарот Дејвид Фитер, потенцијално изложените лица се поделени во три групи: патници кои неодамна се вратиле во Небраска и Емори, патници кои го напуштиле крузерот пред да биде откриена епидемијата и лица кои можеби биле изложени на вирусот за време на летови со симптоматски патници.

Епидемијата избила на холандски крузер

Епидемијата на андскиот сој на хантавирус избила во април на холандскиот крузер „MV Hondius“, додека пловел од Аргентина кон Зеленортските Острови.

СЗО предупредува дека се очекува можно зголемување на бројот на случаи поради долгиот период на инкубација, кој трае од шест до осум недели, како и поради блискиот контакт меѓу патниците за време на патувањето.