Последен транспорт на повредените од трагедијата во Кочани – петмина пациенти се префрлуваат во Шведска

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека ќе се изврши последниот транспорт на пациенти кои ќе се лекуваат во странство по трагедијата во Кочани.

Како што посочи, денеска во 11:30 часот за Шведска ќе бидат пренесени двајца пациенти, а после пладне уште тројца.

Таравари истакна дека во наредните денови може да се очекува враќање на одредени пациенти, кои се лекуваат надвор од државата.

„Последниот транспорт на пациенти е денеска. Веќе нема да има лекување на пациенти надвор од државата, дури може да очекуваме некои од нив да се вратат во следните денови. Денеска има транспорт само за Шведска, и тука завршуваме. Веќе нема потреба другите пациенти да се лекуваат надвор“, изјави Таравари на денешната прес-конференција.

Добрата вест: Нема нови жртви во последните 72 часа

Министерот нагласи дека поминаа 72 часа од трагедијата без нови жртви.

Вкупно 178 пациенти се на лекување во различни здравствени установи
64 пациенти се хоспитализирани во државните болници
13 пациенти се лекуваат во приватни болници
101 пациент е на лекување во странство

„Добрата вест е што во последните 72 часа нема ниту еден починат од тие што ја преживеаја трагедијата во Кочани. Сите пациенти се во релативно стабилна состојба“, додаде Таравари.

Со ова, се затвора процесот на испраќање пациенти во странство, а во наредните денови ќе следи нивно враќање и понатамошно лекување во Македонија.