Предвремените избори се неопходни. Трeба да се стави крај на политичкiте циркузанти на кои им се дозволи со насмевка да ги негираат проблемите. Актуелниот градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Д-р. Арбен Таравари смета дека предвремените парламентарни избори се решение на проблемите што долго опстојуваат во оваа држава.
Општина Гостивар е организационо подготвена да ги избегне сите сериозни проблеми како резултат на енергетската, здравствената, економска и топлинска криза. Вели неговата општина е општина во која се случиле најголем број на инспекции како последица на политичкиот реваншизам, но тоа само ги прави посилни во своето работење.
Подеднакво се наоѓа во политиката и лекарската професија, а секоја среда продолжува да прегледува пациенти на Клиниката за неврофизиологија во Скопје.
Лидер: Жителите на Гостивар избраа и во наредните четири години да управувате со општината. Како е да се води локална самоуправа од опозиција? Дали на властите во Македонија им предничат интересите на граѓаните, личниот интерес или, пак, реваншизам врз основа на политичка определба?
-Редовното соочување со притисоци од различен вид за мене не е ништо ново. На пример, ако на некоја општина ѝ се случиле најголем број инспекции верувам дека е тоа на општина Гостивар. Секако, јас не сум против контрола од државата, но селективноста во пристапот е нешто што буквално го презирам. Реваншизмот врз политичка основа, за жал, е редовна појава во ова општество. Постојано се потсетувам на она што го има напишано авторот Гордон Џек: „Зарем целата политика не е главно заради одмазда? „Не, се работи за правење добро“. „Но, вашето добро е мое лошо. Вашата утопија е мојата дистопија“. Не сме далеку од оваа реалност!
Лидер: за одложувањето има и енергетската и топлинска криза, односно штедење во делот на електричната енергија и енергенсите за загревање на училиштата?
-Проблемите треба да бидат адресирани навремено со умешно политичко раководење. А не откако бродот ќе почне да тоне. Еден проблем не се решава со креирање нов проблем. Решението не е во маскирањето на проблемот. Предвремените парламентарни избори се решение на проблемите што долго опстојуваат во оваа држава.
Лидер: Може ли општина Гостивар финансиски сама да ја издржи претстојната фискална година? Верувате ли дека новиот владин состав може да донесе подобра соработка меѓу централната и локалната власт?
– Благодарение на континуираното добро и отчетно финансиско управување на општина Гостивар нашите капацитети се организирани на начин да избегнеме сериозни проблеми. Се надевам на подобра соработка меѓу централната и локалната власт, но сè додека е ДУИ на политичката сцена овие надежи паѓаат во вода. Малициозните актери во политиката со сигурност ја убиваат волјата на поединци за соработка.
Лидер: Дали на Македонија ѝ се потребни предвремени избори за излез од овие кризи или пак изборите ќе ја испразнат веќе осиромашената државна каса и ќе ја продлабочат кризата?
-И погоре реков, предвремените избори се неопходност за да се излезе од проблемите во коишто тонеме. Импровизации веќе не се дозволени. Да, изборите подразбираат ангажирање големи капацитети и ресурси, но ако се остави вака стихијно да течат работите и на политичките циркузанти им се дозволи со насмевка да велат дека проблем нема кога тоа не е точно тогаш најмногу губат граѓаните.
Лидер: Во државата каде најголем број на доктори се јавни функционери, зажаливте ли што професионално се преориентиравте во политиката?
-Лекарската професија никогаш нема да ја исклучам од мојата дневна агенда. Токму напротив, јас сум лекар 24 часа на ден. Политичката функција не ми дозволува лекарската должност да ја вршам со целосно работно време, но моето срце и душа се таму. Продолжувам и понатаму секоја среда да прегледувам пациенти во Клиниката за неврофизиологија во Скопје. Подеднакво се наоѓам себеси и во политиката затоа што со сета енергија сакам да придонесам општеството да стигне таму кај што треба.