Владата преку разни економски мерки во текот на 2021 година ќе ја продолжи таргетираната поддршка за стопанството и за ранливите категории на граѓани, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и нагласи дека таргетираната и привремена поддршка е една од препораките произлезени од годишниот дијалог за економски политики на земјите од Западен Балкан и Турција со земјите-членки на ЕУ и Европската централна банка што се одржа вчера.

Препораките од годишниот дијалог, како што кажа, се во насока да им помогнат на земјите опфатени со проширувањето на ЕУ да го зајакнат економскиот и социјалниот развој.

Бесими денеска на прес-конференција во Владата посочи дека во услови на периодични бранови на пандемија, огромен предизвик за нашата и за економиите од регионот ќе биде да тргнат повторно по патот на закрепнување и раст.

– Затоа треба да бидеме многу внимателни, да не ја прекинуваме нагло поддршката, туку постепено и насочено. Преку разни економски мерки таа продолжува во текот на 2021 година, со финализирање на претходните и спроведување на нови – две групи насочени кон ублажување на ефектите од пандемијата врз најранливите и поддршка на побрзо закрепнување на домашната економија. Во оваа насока ќе обезбедиме таргетирана привремена фискална поддршка за стопанството и ранливата категорија домаќинства, како една од препораките во делот на заедничките заклучоци, рече Бесими.

Додаде дека во планот за среднорочното буџетирање и во Буџетот за 2022 година ќе биде предвидено постепено враќање на односот меѓу примарниот дефицит и БДП на ниво пред кризата.

Како што нагласи, веќе се работи и на реализација на дел од другите препораки. Дел од нив се новиот закон за јавно-приватно партнерство кој наскоро се очекува да влезе во владина и собраниска процедура, потоа воспоставување на фискален совет и регистар на државна помош, стабилен финансиски сектор, подобрување на транспаретноста при усвојување и спроведување на законите….

Бесими најави дека приоритет ќе се даде и на спроведувањето на Стратегијата за формализирање на неформалната економија, како и на новиот начин на финансирање на средното стручно образование и обуката.

– За ова да го постигнеме ќе развиеме нова формула за финансирање на системот за стручно и за високо образование, со акцент на функционирањето на Регионалните центри за стручно образование. Притоа ќе го зајакнеме пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории. Воедно ќе го зајакнеме капацитетот на соработката помеѓу агенциите за вработување и центрите за социјална работа со цел да се обезбедат интегрирани услуги и мерки за подобрување на инклузијата на пазарот на труд, појасни Бесими.

Програмата за економски реформи, која е најважниот стратешки документ во економскиот дијалог со Европската комисија и државите-членки на ЕУ предвидува растот да достигне 5,9 проценти во 2025 година, при што просечниот раст на годишно ниво во периодот 2021-2025 да изнесува 5,3 проценти.