Прекумерното користење паметни телефони и социјални мрежи во вечерните часови може сериозно да влијае врз сонот, концентрацијата и училишните резултати на тинејџерите. Најновиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предупредува дека младите сѐ почесто остануваат будни до доцна со телефоните в рака, што доведува до хроничен замор и послабо учество во наставата.
Според извештајот, голем број млади корисници остануваат будни до доцните ноќни часови за да следат содржини или да се допишуваат на социјалните мрежи. Изложеноста на сината светлина од екраните го потиснува лачењето на мелатонин, хормонот одговорен за сонот, поради што заспивањето станува потешко, а сонот е површен.
Недоволниот одмор, како што се наведува во анализата, создава акумулиран дигитален замор. Наместо да се регенерираат за следниот ден, децата се будат исцрпени, што влијае врз нивниот когнитивен капацитет.
Повеќе време на социјалните мрежи, послаби резултати
Податоците од анализата покажуваат јасна корелација меѓу времето поминато на социјалните мрежи и училишните резултати. Учениците кои поминуваат повеќе од четири часа дневно на социјалните мрежи постигнуваат значително послаби резултати на тестовите.
Како главни причини се посочуваат намалениот опсег на внимание и потешкотиите со долготрајното паметење на наставниот материјал.
Наставниците во училиштата сѐ почесто пријавуваат дека децата на часовите се деконцентрирани, поспани или фрустрирани. Заморот предизвикан од онлајн активностите го отежнува редовното учење, а секојдневните училишни обврски стануваат дополнителен извор на стрес.
ОЕЦД бара промени во домашните навики
ОЕЦД оценува дека одговорноста за справување со проблемот е поделена меѓу семејствата и институциите. Експертите советуваат во домовите да се воведат практични правила, меѓу кои и отстранување на паметните телефони и таблетите од детските соби пред заспивање.
Дополнително, се препорачува училиштата да спроведуваат активности за подигање на свеста кај учениците за значењето на квалитетниот сон.
Од технолошките компании, пак, се бара да воведат автоматски ноќни опции за исклучување на известувањата кај профилите на малолетници.
