Џон Гудман (74), ѕвездата на серијата „The Righteous Gemstones“, изгуби неверојатни 90 килограми, но големата промена во изгледот му донела и неочекувани тешкотии. Актерот призна дека по драстичното слабеење повеќе не се чувствувал удобно кога требало да се соблече пред камерите, па дури и одбил да сними гола сцена во популарната серија на ХБО.
За непријатноста што ја почувствувал зборувал во подкастот „Happy Sad Confused“, чиј водител е Џош Хоровиц. Гудман во серијата, која се емитуваше од 2019 до 2025 година, го играше водачот на мегацрква и глава на дисфункционалното семејство Џемстоун.
„Требаше да снимиме сцена во која, барем јас така мислев, требаше да бидам гол. Им реков: Не сум баш сигурен во тоа. Добро ми е и вака. Телото ми е уништено откако ослабев толку многу. Не, нема да го направам тоа“, раскажа Гудман.
На крајот, продукцискиот тим нашол начин сцената да биде снимена без Гудман да мора да се соблече.
Ѕвездата признава дека сè уште се навикнува на својот нов изглед, особено кога ќе се погледне во огледало.
„Сè уште се обидувам да се навикнам на сопственото лице. Во главата имам една слика за себе, а потоа ќе се погледнам и ќе си помислам: Леле!“, изјави Гудман.
Во разговор за „Сандеј тајмс“ открил дека и понатаму се доживува како човек со прекумерна тежина, иако неговиот изглед денес е сосема поинаков.
„Сè уште се чувствувам како дебел човек, но убаво е чувството кога можеш да влезеш во обична продавница за облека и да најдеш нешто за себе“, рече Гудман.
Големото слабеење му донело и една неочекувана непријатност – постојано му е студено. Во интервју за „Њујоркер“ во октомври открил дека имал операција на желудникот, по која станал анемичен, а го изгубил и слојот поткожно масно ткиво.
„Станав анемичен, а го изгубив и слојот поткожно масно ткиво, па сега постојано ми е студено“, објасни Гудман.
Гудман некогаш тежел повеќе од 180 килограми, а во слабеењето му помогнале и откажувањето од алкохолот, промените во исхраната и редовната физичка активност. Тој претходно откри дека ангажирал личен тренер, го исфрлил шеќерот и почнал да вежба шест дена неделно.
Иако денес успева да ја одржува тежината, признава дека сè уште мора да се принудува да оди во теретана.
„Морам да се терам да одам во теретана. Ако се прашувам само јас, би го прескокнал тренингот“, рече Гудман.
