Температура како во крематориум: сведочење што ја потресе судницата
Доктор Александар Станков, вештак од Институтот за судска медицина, во денешното сведочење во процесот против 35 обвинети изјави дека во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година температурата достигнала до 700 степени Целзиусови, пренесе СакамДаКажам.
„Тоа е температура приближно за крематориум”, одговори Станков на прашањето на обвинителката за амбиенталните услови.
По оваа изјава, дел од родителите во судницата ја напуштија просторијата, додека останатите реагираа со воздишки и тивко плачење.
Јаглеродниот моноксид како главен причинител за смртта
Вештакот ги отфрли тврдењата на одбраната дека труењето кај жртвите било предизвикано од други фактори, како алкохол.
„Јаглеродниот моноксид е најчест токсичен отров кој се јавува во запалени затворени простории. Тој многу брзо ја исполнува просторијата. Кога се утврдува причина за смрт, се наведува основниот и доминантниот причинител. Јаглеродниот моноксид е главниот причинител за задушување и труење. Во вакви случаи има и вдишување на топол воздух, чад и цијанид, но тие само го потпомагаат процесот”, појасни Станков.
Тој додаде дека цијанидот го блокира преносот на кислородот во клетките, но не бил доминантен фактор.
„Кај 26 лица не е пронајден цијанид, а кај 11 концентрациите се во рамки на нормалното. Ако цијанидот бил главен причинител, бројот на жртви ќе бил значително поголем”, истакна вештакот.
Кислородната поддршка не дала резултат
На прашањето дали кислородна поддршка би можела да спаси дел од жртвите, Станков одговори дека таквата интервенција не би имала ефект.
„Примената на кислород не би дала резултати. Кај лицата кои примиле кислородна поддршка пред да починат, истата не помогнала”, изјави тој.
Според обдукциските наоди, најголемиот дел од загинатите починале од труење со јаглероден моноксид. Четири жртви починале од притисок врз градниот кош, а три од недостаток на воздух. Кај три лица кои починале за време на лекувањето е констатирана акутна слабост на белите дробови од интоксикација со јаглероден моноксид, додека кај едно лице причината била изгореници од трет степен.
