Британската полиција уапси петмина мажи во близина на воздухопловната база „Ферфорд“ во Глостершир поради сомнение за поседување експлозиви и подготовка на терористички акт. Воениот објект активно го користи военото воздухопловство на Соединетите Американски Држави за изведување воздушни операции на Блискиот Исток. Безбедносната акција започнала откако службениците забележале три сомнителни возила кои се упатиле кон комплексот.

Интервенцијата се одвивала во раните утрински часови во селото Велфорд, по што веднаш бил воспоставен заштитен кордон од 400 метри околу возилата. Специјализиран тим на британската армија за деактивирање експлозивни направи со помош на роботи детално ги прегледувал возилата на терен. Како превентивна мерка за заштита на населението, надлежните служби евакуирале околу 85 домаќинства од околината.

Раководењето со целиот случај го презеде специјализираната единица за борба против тероризмот, додека приведените се задржани во притвор.

Помошникот-началник на полицијата во Глостершир, Ричард Оконе, изјави дека надлежните органи работат на целосно расветлување на настанот и апелираше јавноста да се воздржи од неосновани шпекулации. Националноста на уапсените лица и нивниот точен мотив засега не се официјално соопштени од истражните органи.

Во раните фази сме на истрагата и петтемина мажи остануваат во притвор. Работиме со нашите партнери за да ги утврдиме околностите на инцидентот

За инцидентот даде изјава и американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека осомничените биле под надзор на двете сојузнички служби.

Соработувавме со Британија и работата беше завршена неверојатно добро. Ги имавме под истрага. Тие планираа да нанесат голема штета на нашата база, а соработката со Британците одлично функционираше. Долго ги набљудувавме и ги фативме

Базата „Ферфорд“ претставува стратешка точка за американските воздухопловни сили во Европа, од каде што оперираат тешки бомбардери. Од американското воено воздухопловство порачаа дека нивото на будност останува максимално подигнато заради заштита на воениот персонал, цивилите и нивните семејства.