Со вкупно 59 кривични дела, меѓу кои 15 за убиства, се соочува 24-годишниот Навид Акрам, кого австралиската полиција го сомничи дека е еден од извршителите на масакрот на плажата Бонди во Сиднеј. 59 кривични дела следуваат откако Акрам вчера се разбуди од кома, во која беше ставен поради тешките повреди здобиени при престрелка со полицијата.
Во истиот напад загина и неговиот татко, 50-годишниот Саџид Акрам. Полицијата информира дека таткото и синот заедно усмртиле 15 лица и раниле уште десетици други за време на нападот врз еврејски фестивал.
Масовното пукање, кое се случи во неделата вечерта, полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, официјално го оквалификува како терористички напад.
Според обвинителниот акт, Навид Акрам се товари за 15 убиства, едно дело за извршување терористички чин, како и за десетици кривични дела поврзани со ранување со намера за убиство. Дополнително, против него се поднесени обвиненија за употреба на огнено оружје со намера за нанесување тешки телесни повреди, јавно прикажување симбол на забранета терористичка организација, како и за поставување експлозиви во или во близина на објект со цел предизвикување штета.
