Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ ја честиташе изборната победа на германската Алтернатива за Германија (АфД) во сојузната покраина Саксонија-Анхалт, изјавувајќи дека десничарската партија е „во подем“.
„Популистичката партија во Германија штотуку имаше навистина голема ноќ“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушл“, мислејќи на изборите одржани во неделата. Трамп не ја именуваше експлицитно АфД, но асоцијацијата беше јасна, пренесе ДПА.
АфД и нејзините поддржувачи се уморни од „апсолутно ужасните правила за имиграција“ на Германија, соопшти Трамп.
„ТИЕ СЕ ВО ПОДЕМ и нема повеќе да толерираат“, напиша тој.
Трамп ја заврши својата објава со „MGGA!!!“, што очигледно е кратенка за „Да ја направиме Германија повторно голема“ (Make Germany Great Again), како варијација на неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“, познат како MAGA.

Во изборната ноќ, Трамп веќе сподели слика од проекцијата за покраинските избори во Саксонија-Анхалт на „Трут соушл“. Тој не го коментираше графиконот кој покажа дека АфД победи на изборите.
Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари 2025 година, се смета дека АфД има поблиски врски со Вашингтон од кога било досега. Ко-претседателката на АфД, Алис Вајдел, го опиша Трамп како пример по неговото враќање во Белата куќа, а претставници на АфД отпатуваа во Вашингтон за неговата инаугурација.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс се сретна со Вајдел на маргините на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2025 година. На конференцијата, Венс предупреди дека исклучувањето на популистичките партии и градењето политички „заштитни ѕидови“ носи ризик од игнорирање на волјата на милиони гласачи. Неговите забелешки тогаш предизвикаа бранувања и наидоа на критики од бројни германски политичари.
Трамп спроведува масовни депортации и строг пристап кон мигрантите за време на својот втор мандат. Републиканецот повеќепати ги критикуваше политиките на Германија за азил и миграција.
