Портпаролката на Алексеј Навални, Кира Јармиш, денеска (17.02) на платформата Х ја потврди смртта на познатиот критичар на Кремљ, притоа повикувајќи се на информации од мајката на рускиот опозиционер, Људмила Навалнаја. Мајката на Навални отпатува во казнениот логор на северот на Русија, каде што ја добила веста за смртта. Според неа, смртта на рускиот опозиционер настапила на 16 февруари, во 14:17 часот по локално време.
Според информациите на Јармиш, вработен во казнениот логор соопштил дека телото на Навални се наоѓа во градот Салехрад на обдукција. Поради тоа, мајката досега не можела да го идентификува. Градот е на 50 километри оддалеченост од казнениот логор. Јармиш исто така пишува дека телото го зеле соработници на државниот комитет за истраги. „Бараме телото на Алексеј Навални веднаш да му биде предадено на семејството“, вели портпаролката на Навални.
Причините и околностите на смртта сѐ уште не се јасни. Според наводи на руските власти, Навални колабирал при прошетка на отворено во казнениот логор каде отслужуваше долгогодишна затворска казна и сите обиди за негово враќање во живот биле безуспешни. Борците за човекови права го обвинуваат рускиот државен апарат за убиство. И тимот на Навални смета дека опозиционерот е убиен.
По смртта на Навални, во повеќе градови во Русија луѓето се собраа на спонтани комеморативни собири и покрај апсењата и притисокот од страна на властите. Апсења има и денеска. Медиумите во многу делови од Русија известуваат дека и покрај тоа што властите апсат и ги собираат цвеќињата и свеќите што ги оставаат граѓаните, тие и натаму носат свежи цвеќиња, палат свеќи и носат слики во знак на сеќавање на Навални.
Според информации на борци за човекови права, досега има над 100 уапсени лица. „Колкав е стравот на апаратот на моќта од еден мртов човек, кога дури и полагањето цвеќе во знак на сеќавање на него се гледа како злосторство“, напиша рускиот носител на Нобеловата награда за мир и основач на весникот „Новаја Газета“, Дмитри Муратов на каналот Телеграм.