Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и директор на СОЗР, Ивица Томовски, во вчерашното гостување на телевизија „Алфа“ изјави дека по преземањето на функцијата, тимот веднаш почнал со промени насочени кон елиминирање на неправилности, зголемување на транспарентноста и заштеда на буџетот.

Томовски истакна дека условите за јавните набавки биле значително олеснети, а конкуренцијата зголемена:

– Сите јавни набавки ги намаливме најмалку за 50% за да ја зголемиме конкуренцијата и намалиме цената. Бев свесен дека ваквиот чекор ќе предизвика реакции од големите бизнисмени кои претходно ги добивале тендерите на максимални вредности. Но, сега тоа повеќе нема да биде случај додека раководам со оваа институција, рече тој.

Заштеда на државниот буџет

Како главна цел на своето работење, Томовски го истакна намалувањето на трошоците и заштедата на државниот буџет:

Со заштеда на буџетот на државата, го штедиме и буџетот на граѓаните. Тоа значи дека парите ќе останат кај граѓаните, а не кај приватни компании, укажа тој.

Тендер за обезбедување

Томовски посочи конкретен пример со тендерот за обезбедување, каде биле направени значителни промени:

Во врска со тендерот за обезбедување, ги намалив условите за 50%, што доведе до зголемена конкуренција и заштеда од половина милион евра за државниот буџет. Во 2021 година, имало само еден понудувач кој го добил тендерот по максимална вредност, потенцираше Томовски.

Со ваквите мерки, директорот на СОЗР најави продолжување на реформите со цел ефикасно управување со јавните ресурси и намалување на можноста за злоупотреби.