Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска порача дека никогаш нема да биде заборавена жртвата на осуммината припадници на македонската полиција кои загинаа во кумановско Диво Насеље на 9 и 10 мај 2025 година.

– Нивната жртва никогаш нема да биде заборавена. Вечна слава на македонските херои! Во мај 2015 година, во кумановско Диво Насеље, осуммина припадници на македонската полиција застанаа во одбрана на државата и безбедноста на граѓаните, жртвувајќи го сопствениот живот во борбата против терористичката закана. Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се симбол на храброст, чест и безусловна љубов кон Македонија. Нивните имиња остануваат трајно врежани како сведоштво дека татковината се брани и со живот. Денеска, во Инџиково и Бутел положивме свежо цвеќе во знак на почит за нивното дело и како порака дека нивната жртва никогаш нема да биде заборавена, напиша министерот Тошковски во објава на Фејсбук.

Овој ден, потенцира министерот, нè потсетува колку е висока цената на слободата, но и колку е силен македонскиот дух кога се брани државата. Наш долг е да се сеќаваме, да почитуваме и да ја чуваме вистината за нивната храброст. Нека им е вечна слава! Хероите живеат вечно!, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.