Министерот вели дека постапката мора целосно да се расчисти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека не смее да има, како што рече, „тивок обид“ за затворање на постапката поврзана со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Тој посочи дека акцијата спроведена минатата година била во координација и по насоки на Обвинителството.
Во интервју за телевизија Канал 5, Тошковски изјави дека е разочаран од одлуката на Обвинителството и дека не прифаќа образложение за недостиг на докази.
„Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на Обвинителството, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството. Ова е огромно разочарување особено за целиот тим на МВР кој работеше на случајот“, рече Тошковски.
„Постапката не е водена доволно професионално“
Тој додаде дека, според информациите што ги добил, не е постапено целосно професионално и дека фактичката состојба не е целосно утврдена.
„По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба се со цел да се разоткрие она што е правено. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба“, изјави Тошковски.
Случајот, според него, сè уште не е завршен
Министерот нагласи дека предметот не е затворен и најави дека јавноста ќе добие дополнителни информации во следниот период.
„Ќе види јавноста во следниот период за што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба којашто МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период во насока на остварување на право и правда“, рече Тошковски.
