Американскиот претседател Доналд Трамп е решен да придонесе за завршување на руско-украинската војна, по што планира да се насочи кон инвестициски и деловни можности во Украина и во САД. Ова денеска во Киев го изјави претставникот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, по новата рунда преговори.

„Претседателот Трамп секогаш вели дека колку е потешко нештото, ако вреди, мора да се даде сè од себе. Затоа е решен да види како завршува оваа војна, како завршуваат смртните случаи, како се обединуваат семејствата, а потоа, се надеваме, да го направи она што најмногу го сака – да се фокусира на инвестирање во деловни можности што ги зближуваат земјите“, рече Кушнер, јавија украинските медиуми.

Според него, таквиот пристап би можел да донесе просперитет и нови можности за народот на Украина и за Европа.

Кушнер посочи и дека засегнатите земји мора да ги утврдат условите и договорите што се неопходни за постигнување долготраен и одржлив мир.

Другиот специјален претставник на САД, Стив Виткоф, ги повика Москва и Киев да постигнат компромис и да пронајдат излез од војната, која трае од руската инвазија врз Украина во 2022 година.

„Двете страни ќе мора да направат компромис и да ги надминат своите разлики, и ние веруваме дека имаме што е потребно за да го постигнеме тоа“, изјави Виткоф на прес-конференција по неговите први разговори во Киев.

„Многу е тешко, но ние сме решени, ова е важно за нас и се надеваме дека сето ова ќе доведе до дипломатско решение“, додаде американскиот претставник.

Кушнер и Виткоф денеска пристигнаа во Киев. Претходниот ден тие престојуваа во Москва, каде што повеќе од три часа разговараа со рускиот претседател Владимир Путин.