Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран најверојатно стои зад воздушниот напад врз Саудиска Арабија, по кој беше затворен нафтоводот Исток-Запад. Станува збор за една од главните рути за извоз на саудиска сурова нафта, која овозможува да се заобиколи Ормуската Теснина.

– Мислам дека се тие, веројатно се тие – им рече Трамп на новинарите во Даблин, одговарајќи на прашањето дали Иран е одговорен за нападот врз клучниот нафтовод.

Трамп изјави и дека јеменските Хути, кои се поврзуваат со Иран, стапиле во контакт со неговата администрација и порачале дека не сакаат Соединетите Американски Држави директно да се вклучат во конфликтот.

– Тие многу повеќе би сакале ние да не бидеме вклучени. Тие ги пропуштаат повеќето бродови. Постои само една земја со која не се баш задоволни, а тоа ќе го решиме – нагласи американскиот претседател.

Тој соопшти дека за целокупната ситуација разговарал и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кого го опиша како свој „добар пријател“.