Тричлено семејство е меѓу најтешко повредените во катастрофалниот пожар кај Омиш, објави Net.hr, повикувајќи се на неофицијални информации.

Станува збор за две женски и едно машко лице, на возраст од 18 до 46 години, кои се здобиле со тешки изгореници, а нивната здравствена состојба е многу сериозна.

Лекарите во Загреб во моментов се борат да ги стабилизираат виталните функции на најтешко повредените, по што треба да продолжи третманот на изгорениците. Според Net.hr, тројцата членови на семејството се меѓу пациентите префрлени од Сплит во Загреб по пожарот што го зафати подрачјето кај Омиш.

Кај повредените изгорениците зафаќаат од 40 и 50, па сè до 70 проценти од телото. Сите пациенти кои се лекуваат во оваа клиника се животно загрозени, интубирани и приклучени на механичка вентилација. Потребни им се и лекови за одржување на крвниот притисок.

Пожарот избувна во четвртокот вечерта кај Локва Рогозница и потпомогнат од силниот ветер брзо се прошири кон Омиш. Огнот се приближи до населени места, а голем број жители и туристи беа евакуирани. Во текот на петокот пожарникарите успеаја да ја стават состојбата под контрола, а вечерта повеќе немаше отворен пламен на омишкото пожариште.