Секоја генерација си има задача да создаде подобра стартна основа од она што го има затекнато. За жал ние наидовме на блокирани сметки, заглавени процеси. Општина Сопиште во моментот не е заглавена, финансиски успеавме целосно да ги исплатиме сите побарувања, но имаме блокади во однос на функционирањето, рече Стефче Трпковски, градоначалник на Сопиште на денешната дебата на тема Локален економски развој која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина кој е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените.“
Трпковски наведе кои проекти се закочени поради немање слух од централната власт.
„Неколку години чекаме да ги добиеме сите потребни решенија, одлуки, за да почне со работа новата детска градинка. Исто така имаме блокиран процес во реализација на втора фаза од канализацискиот систем во населено место Ракотинци, проект финансиран со средства од Европска инвестициска банка но процесот оди преку Министерство за транспорт и врски“, кажа Трпковски.
Според него со идејата на ВМРО-ДПМНЕ за децентрализација на 250 милиони евра годишно и тоа како ќе ги реши проблемите во локалните самоуправи.
„Тоа значи сите капитални проекти кои би се реализирале ќе бидат по приоритет на населението. Поголемиот дел од проектите се од самопридонес или акција на населението во минатото и многу тешко е наеднаш и во краток период да се санираат. Децентрализацијата ќе помогне во ваквите проекти“, заклучи Трпковски.