Двајца странски државјани кои планинареле кон врвот Пирибег биле затекнати од лоши временски услови и се засолниле во планинарски објект во близина на границата со Косово, на македонска територија. Тие се во добра здравствена состојба и биле извлечени од косовски екипи, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Пријавата пристигнала преку бројот за итни повици 112 денеска во 8:22 часот. По проверката на пристапот до објектот било утврдено дека од македонска страна може да се стигне само пеш. Поради временските услови, патувањето би траело повеќе од шест часа во еден правец, а дождот и маглата го оневозможувале пристапот со хеликоптер. Од косовска страна има пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до објектот.
Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово ги известил Полициската станица Теарце, Центарот за итни случаи во Тетово, Дирекцијата за заштита и спасување – Подрачното одделение Тетово и раководителот на РЦУК. Дежурниот оперативен центар при ЦУК ги известил и раководителот на одделението, помошник-раководителот на СОК и Кабинетот на директорот.
По насоки на директорот на ЦУК, раководителот на РЦУК – Тетово контактирал со ЈП „Национални шуми“ – подружница Тетово. Оттаму било најавено дека ќе ги известат колегите од Косово за да преземат активности за безбедно извлекување на планинарите.
„Со оглед на попристапниот терен од косовска страна, како најсоодветно решение било оценето лицата да бидат преземени со возило преку пристапниот пат од страната на Косово. Во текот на координацијата остварен е контакт и со Службата за пребарување и спасување во планина на Косово. Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспостави директна комуникација со едно од лицата преку телефонски разговор и СМС-порака, при што беше информирано дека екипа од Косово ќе пристигне за нивно безбедно извлекување. Според информацијата добиена во 14:21 часот од косовската служба за пребарување и спасување во планина, нивните екипи биле во постојана комуникација со лицата. Потврдено е дека двајцата странски државјани се во добра здравствена состојба, а нивното извлекување се очекувало околу 16:00 часот. Во 16:50 часот, Центарот за управување со кризи доби информација дека двајцата странски државјани се пронајдени во добра здравствена состојба и се транспортираат кон локација во Штрпце, Република Косово“, соопштија од ЦУК.
Од Центарот наведоа дека во текот на акцијата ја координирале комуникацијата меѓу надлежните служби од Македонија и Косово, со цел планинарите безбедно да бидат извлечени.
