Турција нема да попушти под „притисокот“ и ќе се спротивстави на приемот на Шведска во НАТО, доколку тоа стане „товар“ за Северноатлантскиот договор, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пренесува Aljazeera.

„Турција не одобрува вршење притисок. Ние сме принципиелни“, рече Фидан и ја повика Шведска да ги „исполни своите задачи“ за да може да влезе во НАТО.

„Прашањето дали приемот на Шведска во НАТО е товар или предност во стратешка и безбедносна смисла се повеќе е предмет на дебата“, рече тој седум дена пред самитот на НАТО во Вилнус на 11 и 12 јули.

Во четврток во Брисел треба да се одржи состанок меѓу Шведска и Турција, каде треба да се соберат министрите за надворешни работи, шефовите на тајните служби и советниците за национална безбедност, потсетува АФП, цитирана од Хина.

Палење на Куранот

Анкара, која го блокира влезот на Шведска во НАТО од мај 2022 година, ја критикуваше Шведска минатата недела по палењето на Куранот во Стокхолм, што шведската влада „остро го осуди“ и го нарече „исламофобично“.

Ваквиот чин „ја менува перцепцијата за безбедноста во Шведска“, рече турскиот министер.

Слична провокација се случи во јануари кога десничарски милитант го запали Куранот.

Турција, единствената од 31-та земја-членка на НАТО, покрај Унгарија, која не го ратификуваше приемот на Шведска во НАТО, го обвини Стокхолм дека е попустлив кон курдските милитанти кои најдоа засолниште во земјата и покрај тоа што неодамна спроведоа неколку поврзани реформи.