Приведени се двајца скопјани поради сомнение дека предизвикале пожар во напуштен објект на булеварот „Македонија“, односно кај местото Рампа во скопска Кисела Вода, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Осомничените се товарат за кривично дело предизвикување општа опасност.

„Вчера во 17:30 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.А. (34) и И.Х. (39), двајцата од Скопје, затоа што околу 16 часот предизвикале пожар во напуштен објект на булеварот ‘Македонија‘ во Скопје“,се вели во полициското соопштение.

Во пожарот, како што информираат од полицијата, повреден е еден пожарникар, додека две противпожарни возила претрпеле материјална штета.

Според МВР, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок.