Поднесено е обвинение против три лица за неостварената продажба на амфетамини во тежина од 7 килограми, продажба која требало да се оствари во скопско Катланово во средината на декември 2022. Од Обвинителство објаснуваат дека амфетамините со вкупна маса од 7.044 грама, требало да бидат продадени за 15.000 евра. Нивната вредност на црниот пазар би изнесувала 40.000 евра, пренесува Фокус.
„Кога се сретнале за да се реализира продажбата, другите двајца обвинети стоеле во непосредна близина за да известат доколку забележат движење или присуство на полиција. При полициска акција, координирана од надлежниот јавен обвинител, обвинетите биле затекнати и се обиделе да избегаат. Сепак, полициските службеници ги лишија од слобода тројцата обвинети, а психотропната супстанција ја запленија“, информираа од Јавното обвинителство.
Како што претходно соопштија од МВР се работи за три лица од кои еден е на возраст од 19 години. Обвинети се М.Ш. (48), Е.Т. (30) и А.З. (19), бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со амфетамин.
Двајца од обвинетите биле дилери и се гонат за продажба на марихуана и амфетамини на зависници во Скопје, додека третообвинетиот се гони за последната продажба која требало да се случи во Катланово.
„Како дел од истата операција, во тек е постапка против уште едно лице, осомничено за помагање при извршување на кривичното дело, додека со едно осомничено лице кај кое беше откриено помало количество дрога вчера беше склучена предлог-спогодба со која тоа го признава делото“, додаваат од Обвинителство.