Управата за хидрометеоролошки работи предупредува на нестабилно време со пороен дожд, грмежи и можни услови за локално невреме

Променливо облачно време со сончеви периоди ќе преовладува во наредните денови, но од понеделник на повеќе места ќе има нестабилно време со пороен дожд и грмежи, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Според УХМР, во недела попладне ќе се јави изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.

– Во првите два дена од новата седмица на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме, со засилен ветер и изолирана појава на град, соопшти Управата.

Променливо облачно со сончеви периоди ќе биде и утре (сабота). Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура утре ќе се движи од 10 до 19 степени, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.

Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18 степени, а максималната ќе достигне до 36 степени, информира УХМР.