Иако во соопштението не се откриваат детали за одземањето на лиценците, ова се случува еден месец по полициската акција во која беa запленети 200 килограми марихуана, во вредност од над 800.000 евра, а беа уапсени шестмина меѓу кои и командирот на полициската станица во Прилеп. Се тврдеше дека сите се вклучени во нелегални дејства и соработка со фирми за произиводство на медицински канабис од Прилеп и Битола. Првичните претпоставки беа дека марихуaната била земена од овие две фабрики и требало да биде прошверцувана и продадена во селото Радобил, а потоа да заврши на нарко пазарот во Грција.
– На предлог на Министерството за здравство ги разгледа и усвои Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“, увоз-извоз, ДООЕЛ Битола – Подружница „ПХАРМА ЕУ ЛЛЦ“- Прилеп, како и Информацијата за укинување на Решението за давање на одобрение за одгледување на коноп за медицински цели на Друштво за производство, трговија и услуги „МЕДИЦАЛ 420“, увоз-извоз, ДОО Битола, стои во известувањето од Владата.
Полициската акција инаку беше на 10 април годинава. При претресите во домовите на приведените, пронајдени се пиштоли, гранати, луксузни часовници, но и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.
Комбето со марихуаната било запрено на патниот правец Прилеп – Росоман. Со цел да не биде евентуално запрено од сообраќајна полиција пред него и по него имало два приватни автомобили.
– На патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на селоРаец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми, изјави тогаш Сузана Прањик – портпарол на МВР.
Кривичната пријава за организираната група била резултат на повеќемесечна истрага во која поддршка дала и Американската служба за борба против дрога.