Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Украина „може да заборави“ на членството во НАТО, нагласувајќи дека амбицијата на Киев за приклучување кон западниот воен сојуз е „нереална“ и дека тоа е една од причините за тековниот конфликт. Оваа изјава ја даде на првиот состанок со својот владин тим, само неколку дена пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, каде што се очекува потпишување договор за украинските ретки минерали.

  • НАТО? Заборавете на него, изјави Трамп пред медиумите. – Мислам дека тоа е веројатно причината зошто започна целиот овој конфликт, додаде американскиот претседател, алудирајќи на руската загриженост за проширувањето на алијансата.

Трамп иницира нови дипломатски напори – средба со Путин во подготовка

Трамп откри дека планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин со цел да се постигне договор за завршување на војната во Украина, која започна во 2022 година со руската инвазија. Иако не откри конкретни детали за потенцијалните компромиси меѓу Москва и Киев, тој подвлече дека неговата администрација ќе работи на пронаоѓање дипломатско решение.

  • Ќе се погрижиме сè да оди како што треба, но Европа е таа што треба да преземе водечка улога во обезбедувањето на безбедносни гаранции за Украина, порача Трамп. – Ние нема да даваме безбедносни гаранции, истакна тој, додавајќи дека Европа, како сосед на Украина, треба да понуди решение.