Украинската полиција и јавниот сервис се вратија во неодамна ослободениот град Херсон.
Началникот на националната полиција на Украина, Ихор Клименко, денеска напиша дека околу 200 полицајци се на терен во градот, поставувајќи контролни пунктови и документирајќи докази за можни воени злосторства.
„Се работи и на деминирање на површината, а еден деминер е повреден додека работел во управната зграда“, напиша Клименко.
Украинската служба за следење на комуникациите соопшти дека во градот повторно емитуваат украинскиот јавен сервис и радио.
Советникот на градоначалникот на Херсон, Роман Холовња, изјави дека хуманитарната помош почнала да пристигнува од соседната област Николаев.
Тој ја нарече ситуацијата во градот „хуманитарна катастрофа“. Како што изјави, луѓето кои останале во градот немаат вода, лекови и храна.